www.utrinski.com.mk
21 февруари 2017 19:50
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
10.01.2017, 18:20

Мислења

„Денот на дрвото“, пошумувањето и ерозијата (2)

Ѓорги Филиповски

Кога дојдов во Скопје по покана на АСНОМ во декември 1944 година, бев изненаден од жолтата трева со која беше покриено Водно. Ретки беа поединечните дрвја и грмушки. Од обесшуменото Водно течеше нескротената поројница Водњанска Река

Иако нема податоци за пошумувањето во Македонија за првите осум години по ослободувањето, жив сведок сум дека тоа започна уште во 1946 година, веројатно во поскромни размери отколку првите податоци за 1953 година. Од тој период останаа две шуми во Скопје и околината: Гази Баба (терените околу сегашниот Природно-математички факултет) и особено планината Водно.

Кога дојдов во Скопје по покана на АСНОМ во декември 1944 година, бев изненаден од жолтата трева со која беше покриено Водно. Ретки беа поединечните дрвја и грмушки. Таа слика наполно се разликуваше од зелените планини околу Битола на кои бев навикнат. Од обесшуменото Водно течеше нескротената поројница Водњанска Река. Низ отвореното корито се спушташе во градот по работ на тогашната Водњанска улица. По секој пороен дожд ги поплавуваше околните улици и ги полнеше визбите по куќите. Ги полнеше со тиња и покрупен нанос. Се полнеа и визбите на тогашната Државна болница, сегашен Клинички центар.

Еве како „Нова Македонија“ од 3 јуни 1951 година ги опишува „последниците од пробивање на еден облак“. Според весникот искорнатите ружи се црвенееле врз жолтата тиња. Утредента улиците биле покриени со тиња, камења, друг нанос и вода. Од секаде се слушало бучење на пумпите што ја црпеле водата од визбите. За среќа, сега повеќе не е така, благодарение на реализацијата на извонредниот проект за пошумување на Водно и за примена на мелиоративно-технички мерки за скротување на поројницата. Се сеќавам дека во пошумувањето тогаш учествуваа ученици и затвореници. Водно стана пример за показ што може да направи науката во борбата против ерозијата. Такви примери се и Грделичката Клисура и голем дел од Бугарија во речните сливови околу вештачките акумулации. Кротката Водњанска Река сега тече во каналот под сегашната двонасочна улица „Водњанска“.

Минаа години и новите генерации скопјани уште пред осамостојувањето започнаа да ја ништат водњанската шума. Најнапред се изградија познатите три објекти (мотелот „Метропол“, „Олимпиското село“ и ИЗИС). По осамостојувањето и уште повеќе во последната деценија, тоа ништење се засили. Се здружи градежната мафија со тие што донесуваат урбанистички планови, лепат маркички и дават градежни дозволи. Се изградија многу згради каде што беше шумата, а меѓу нив и такви што спречуваат ветерот од Водно да го прочистува градот. Скопје си ги уништува своите бели дробови парче по парче. Последиците од тоа се непредвидливи. Мајката природа не ги простува грешките на своите чеда. Таа не е како нашите мајки кои ни ги простуваат сите гревови. Најдобар пример за казните на природата за нашите грешки се поплавите под Скопска Црна Гора.

Да се вратиме сега на пошумувањето во периодот од ослободувањето до сега, т.е. за 62 години (1953 до 2014), за кои има официјални податоци од Заводот за статистика. Според тие податоци за овие 62 години се пошумени вкупно 214.523 хектари. Од нив до осамостојувањето (1953-1990), т.е. за 38 години 153.775 хектари, а по осамостојувањето (1991-2014), т.е. за 24 години 60.748 хектари.

Во овој период интензитетот на пошумувањето силно варираше. Да ги разгледаме најнапред годините до осамостојувањето (38 години). Во периодот од првите 20 години (1953-1972), пошумувањето беше скромно (1.320 хектари годишно). Во вториот период од 18 години (1973-1990) тоа мошне многу се интензивира (7.070 хектари годишно). Во овој втор период посебно се истакнува „Златната декада“ од 1976 до 1985 година кога е пошумувано по близу 9.000 хектари годишно. Во две години од таа декада (1979 и 1981) пошумено е по над 10.000 хектари годишно. Максимумот е достигнат во 1982 година (11.328 хектари). Тоа е постигнато со тогашните можности и тогашното ниво на науката и технологијата. Интензивирањето на пошумувањето од 1.320 хектари на 7.077 хектари годишно (5,4 пати) се должи на основање на Фондот за пошумување во 1971 година кој имаше многу средства, како и на поголемото ангажирање на експерти.

Во периодот по осамостојувањето (1991-2014), т.е. во следните 24 години интензитетот на пошумувањето многу спласна. Фондот за пошумување се укина и пошумувањето се намали од 7.077 хектари годишно во претходниот период на 2.531 хектар просечно за овој период. Тоа е намалено за 2,8 пати. Интензитетот на пошумувањето е уште повеќе намален во последната деценија (2005-2014) и тоа за 4,1 пати во споредба со претходниот период пред осамостојувањето. Во последната деценија просечно е пошумувани по 1.742 хектари годишно. Тие податоци зборуваат дека во последната деценија во пошумувањето се вративме многу децении наназад во првите 20 години по ослободувањето кога е пошумувано нешто помалку (1.320 хектари годишно). За жал, медиумите и нашата поширока јавност (особено генерациите пораснати по осамостојувањето), а мислам и самите активисти на „Денот на дрвото“ не ги знаат овие податоци.

Пропагандната машинерија шири заблуди, илузии и фалби дека како сега никогаш порано не се пошумувало и дека тоа е особено интензивно по започнување на акцијата „Денот на дрвото“. Овие заблуди и илузии никому не користат. Тие само ги демобилизираат силите за да се пошумува многу повеќе. Тоа значи четири пати повеќе како што тоа пред повеќе децении го правеле моите генерации. Со тогашните можности беше постигнат резултат од 9.000 хектари годишно, а во последната деценија е пошумувано само 1.742 хектари годишно. Дали со тоа треба да се фалиме или да се срамиме? Убеден сум дека со денешните поголеми можности и повисоко ниво на науката и технологијата можеме да ги пречекориме овие 9.000 хектари годишно. Дури тогаш ќе стекнеме право и да се фалиме.

Заводот за статистика дава официјални податоци и за штетите во шумите (шумски пожари, штети од инсекти и елементарни непогоди, штети од бесправна сеча). Тешко е да се поверува дека тие штети во последната деценија според официјалните податоци на Заводот за статистика се многу поголеми од пошумените површини. Посебна приказна е бесправната сеча, особено голема во последната деценија. Не се знае по колку хектари шума годишно се уништува со оваа сеча. Се знае само дека штетите во шумите од нелегална сеча се големи за време на војните, внатрешните конфликти, кризите, недоволно успешното функционирање на институциите задолжени за заштита на шумите, како и во државите каде што правото нема голема примена..

Сега, на крајот, да го разгледаме интензитетот на ерозијата на почвите во нашата држава тесно поврзан со уништувањето на шумскиот фонд и со пошумувањето. Уништувањето на шумите значи целосно или делумно уништување (деградација, осиромашување) на почвите. Пошумувањето значи намалување на ерозијата.

Се смета дека во минатото околу 95 % од територијата на Република Македонија биле покриени со шума. Само мал дел (највисоките зони на планините) биле под природна тревна вегетација. Таа состојба траела до започнување на антропогеното уништување на шумите со цел да се добие земјоделско земјиште. По многу милениуми, денес шумите покриваат само 38% од нашата територија. Добар дел од тие шуми се деградирани до различен степен. Нашите шуми многу се уништувани особено по ослободувањето, а уште повеќе во последната деценија, бидејќи сега се применуваат многу посовршени средства за сеча на шумата и транспорт на дрвјата, а нивната заштита е недоволна. Македонија по распространетоста на ерозијата спаѓа меѓу првите земји во Европа. Европската агенција за заштита на средината ја има вклучено нашата земја „во црвената зона“.

Во нашата монографија „Деградација на почвите во Република Македонија“ ерозијата е означена како најважен и најраспространет вид на деградација на нашите почви. Таму се изнесени резултати од истражувањето на ерозијата на нашите почви од голем број автори. Вклучени се и резултатите од нашите истражувања за влијанието на ерозијата врз географијата на нашите почви. Во Македонија е изработена и карта за интензитетот на ерозијата на почвите, кој е поделен во пет категории. Првите три категории (ексцесивна, силна и средна ерозија) изнесуваат близу 38 % од нашата територија. Со ерозија се произведува суспендиран и влечен нанос во износ од 17 милиони кубни метри годишно. Тоа одговара на 1.700 хектари почвена површина ако се пресмета почвениот слој од 100 см. Ако се пресмета за помала длабочина (на пр. за 50 или 25 см) таа површина на загубена почва би изнесувала 2 или 4 пати повеќе. Суспендираниот нанос преку Вардар делумно се носи во морето, а заедно со влечениот нанос се таложи и во природните езера и особено ги полни вештачките акумулации. Ерозијата на нашите почви предизвикува и други штети, а тоа се: нерегулиран режим на речните сливови, затрупување на речните корита, загадување на речните води, покривање на плодни површини со неплодни и груби наноси, поплави, уништување или оштетување на инфраструктурни, индустриски и станбени објекти и др. Еродираните почви, како и образуваните почви со наносниот материјал изнесуваат 41% од сите наши почви. Сите овие застрашувачки податоци се последица на уништувањето на нашите шуми.

На крајот да резимираме што покажуваат податоците на Заводот за статистика за годишното пошумување во седумте децении слободен живот:

1. Во периодот од 62 години (1953-2014) за коишто има податоци во Заводот за статистика пошумени се 214.523 хектари од кои пред осамостојувањето (1953-1990) за 38 години 153.775 хектари, а по осамостојувањето за 24 години 60.748 хектари.

2. Во првите 20 години по ослободувањето годишно е пошумувано по 1.320 хектари, а во вторите 18 години по 7.077 хектари. За тоа најмногу има придонесено основањето на Фондот за пошумување.

3. По укинувањето на Фондот за пошумување веднаш по осамостојувањето, пошумувањето многу се намали. По осамостојувањето, за 24 години тоа падна на 2.531 хектар годишно. Уште повеќе се намали во последната деценија (1.742 хектари годишно).

4. Најмногу е пошумувано пред осамостојувањето во деценијата од 1976 до 1985 година и тоа по 9.000 хектари годишно со максимум од 11.308 хектари во 1982 година.

5. Најмалку е пошумувано во првите две децении по ослободувањето (1953-1972) и тоа по 1.320 хектари годишно, како и во последната деценија (2005-2014) која се совпаѓа со акцијата на „Денот на дрвото“ и тоа по 1.742 хектари годишно.

6. Намалените површини на старите шуми во оваа последна деценија со различни штети, вклучително и со дива сеча, се поголеми од новите шуми добиени со пошумување.

(Ѓорѓи Филиповски, 97 години, е професор и научник од областа на педологијата - науката за почвите, агрохемијата и земјоделството. Член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.)

 

 

НАПОМЕНА: Преземањето на текстот или делови од него, како и преземање на фотографија е дозволено само со одобрение од "Утрински весник" или според правилата на МПМ. За правилата на МПМ за преземање авторска содржина кликнете тука

Статијата е прочитана 6116 пати.


Испрати коментар
Паѓа снег, седете дома!
Приоритети и вредности
Ајван Доктор®, 11.01.2017 02:39:08
Мојот длабок наклон кон колумната на професорот Филиповски!Научно и аргументирано!Човек и не треба да биде научник за да сфати дека зеленилото во Скопје е екстремно намалено во последнава деценија!Озеленувањето на градов пред Втората светска војна претставувало задолжителен дел,па секој што нешто градел имал обврска да создаде и зелена површина околу објектот да засади дрвја и декоративни растенија!Ги помниме уништените зелени површини и дрвјата кај новите „Мериот“,копијата на Офицерски дом,налудничавиот споменик „Мајка Тереза“ (во изградба),кај Работнички дом,кај старата меѓуградска Автобуска станица…Вечна им слава!Водно и натаму се сече,од далеку се гледаат дупките,познаваат лузните во планината!Не треба да си премногу учен да не осознаеш дека пошумувањето и зазеленувањето се заради прочистување на воздухот,против ерозија,да се намали прашината,заради општа добробит!Олимписко село,Панорама,ИЗИИС,беа државни објекти!Сега,планината се уништува во приватни цели!
   47 |   23
Drvokradci, 11.01.2017 05:49:31
Vo minatoto okolu 95% teritorijata na Mk bila pokriena so suma,denes sumite pokrivaat samo 38%(citaj) Mafija sece, drvokradci drva vlece! a MK go slavi #Denot na drvoto#
   44 |   24
Branko, 11.01.2017 07:09:05
Професоре, Ви благодарам на исцрпниот известај за посумувањето во РМ и за последиците од непошуменоста, а посебно за изнесените податоци со кои според мене го турнавте митот за популистичко-политичкото настапување и приграбување на акцијата на ден на дрвото во партиско-популистички-политички цели. Вие сте пензионер и никиј ништи ви неможе. Каму среќа некој како Вас да се осмели со подоци да прозбори за бесправните сечи, за кршењето на законските прописи кои го регулираат шумарството, поготово за планирањето и за сеуште неизвршените мелиорации и чисти сечи на деградираните шуми и шикари. Според акциониот план на стратегијата за развој на шумарството за три години заклучно со 2010 година се планираше да се изврши мелиорација на 450ха дабови шуми. Тоа ниту се реализира ниту некогаш ке се реализира додека организационата поставеност на ЈО ,,Македонски шуми,, е таква каква што е, бидејки таквите шуми правеле конкуренција на пазарот со дрво во РМ на ЈП бидејки повекето биле приватни.
   39 |   23
Mira, 11.01.2017 09:00:43
Sekoja cest profesore za prikazuvanje na faktite vo ovaa sostojba.
   28 |   22
S. Kerimi, 11.01.2017 10:47:36
Фактите, состојбите и укажувањата на почитуваниот академик Филиповски треба секому, а пред се’ на надлежните институции и личности на земјата да им послужат како патоказ за тоа што треба да се направи на планот на заштитата на постојниот шумски фонд, и посебно за натамошно интензивирање на активностите на планот на пошумувањето и спречувањето на деградацијата/ ерозијата на почвите. За да се направи тоа, најпрво оваа благородна активност треба да се деполитизира, а потоа постапно да се омасовува низ целата земја.
   29 |   21
HOMOSAPIENS, 11.01.2017 13:56:33
Ja koristam retkata moznost da ja izrazm dlabokata pocit za profesorot Filipovski (cii student bev vo sedumdesetite) koj seuste so OGROMEN entuzijazam na 97 godisna vozrast UKAZUVA za VREDNOSTI koi treba da se POCITUVAT. Toa se ZIVOTNATA OKOLINA I PRIRODNITE RESURSI na Makedonija kako edna mala no so RETKO ubava PRIRODA zemja vo koja PRIORITET treba da bide ZACUVUVANJE I ZBOGATUVANJE na SUMSKIOT FOND a posebno zacuvuvanje na PRIRODNIOT POTENCIJAL za proizvodstvo na ZDRAVA HRANA!!!Industrializacija so nizok tehnoloski stepen e POGRESNA PLATFORMA za RAZVOJ na drzavata!!! EROZIJATA na ZEMJISTETO kako I na strucniot KADAR e so DALEKUSEZNI POSLEDICI no koga POLITIKATA e PROPAGANDA togas kompletnite zagubi se so DALEKUSEZNI POSLEDICI. Samo za primer SUMA od SPOMENICI I FUDUL GRADBI. ZADOLZENOSTA na narednite generacii ke bide mnogu skap POLITICKI LUKSUZ!!!
   31 |   25

Електронско издание

Денот низ фотографии
 
Најнови вести
4°СкопјеВреме
Облачно
Вто8
Сре12
Чет12
Пет12
Саб11
Нед10
Пон15
Вто12
Сре14
Чет10
НајчитаниНајкоментирани

Караџовски: Судиите може да се жалат пред Врховниот суд
„Брегзит“ – промена на ветерот?
Пет загинати во авионска несреќа во Мелбурн
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ