www.utrinski.com.mk
22 февруари 2017 16:12
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
16.02.2017, 18:02

Си велам

Платформа на разбранувано море

Ерол Ризаов

Има нешто многу поголемо и позначајно од платформа ни на небо ни на земја, а тоа е какво општество ќе градиме по егзекуција на режимот

Тешко е да се живее и работи на платформа, особено ако подолго време е разбранувано морето или океанот. Може да попушти пред налет на силни бранови, а уште поверојатно да се запали при избувнувањето на гас или нафта. Можна е катастрофа и при мирно море и при најмало невнимание. Во Мексиканскиот Залив, на пример, пред неколку години при ископување нафта дојде до експлозија на метан, која предизвика стравотна планетарна еколошка катастрофа и помор на живиот свет. Некои екологисти ја сметаат за најголема еколошка несреќа. Штетата, освен повеќе човечки жртви, загинати и ранети работници, достигна стотици милијарди долари. Последиците не можат целосно да се отстранат со години. Жителите на тоа крајбрежје никогаш не се оправија од загадувањето предизвикано од човечки фактор на платформата на глобалната компанија „Бритиш оил“.

Луѓето кои живеат и работат на платформа имаат посебни потреби и привилегии бидејќи им е ограничен просторот на движење, тие се чувствуваат како да се во затвор каде што важат строги правила и при работа, но и при привидна слобода. Постојат многу забрани до каде може да се оди. Секое невнимание на платформата е голема опасност по животот и здравјето на луѓето и кои се, но и многу повеќе кои не се на платформата. Затоа вработените се под постојан надзор. Тие имаат повеќе бенефиции, добро се наградени и по секои 15 дена работа задолжително добиваат повеќе платени денови кои ги поминуваат на одмор, на слобода и во цивилизација, како што велат тие. Платформата вработените ја третираат како мал вулкански остров, живеат и работат под притисок и страв да не дојде до голема хаварија бидејќи сите се на кратерот на вулканот кој може да избувне.

Има платформи и на суво. Тие се многу поинакви од морските наменети за вадење нафта и гас, но сепак се платформи кои имаат ограничувачки простор на движење. Има една во Скопје, која мене ми се чини најсоодветна за ова мое писание. Можеби експертите за градежништво ќе ми забележат дека оваа не е најпрецизниот израз за плоштадот што се гради пред Старата скопска чаршија и која го премостува булеварот и се протега натаму да барокните зданија крај Вардар затварајќи ги целосно од вид и чаршијата и Даутпашиниот амам, националната уметничка галерија. Оваа платформа над земјата е новиот плоштад „Скендербег“ кој се гради подолго време наспроти плоштадот „Македонија“ од другата страна на Камениот мост. Некои го викаат плоштадот на ДУИ бидејќи таму се одржуваа митинзите на партијата и тука е подигнат споменикот на Скендербег.

Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, е посебно горд на овој плоштад за кој си земав новинарска слобода да го наречам платформа, или чардак ни на небо ни на земја. Меѓутоа, чардакот – платформа кој требаше да биде изграден според роковите до Нова година, наеднаш остана така да виси во воздух. Работите беа прекинати повеќе месеци. Се разбира, тоа нема никаква врска со влошените односи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по изборите, ниту пак со ставовите на Меџити за нови коалиции и партнерства. Платформата на Меџити нема врска ни со заедничката платформа на албанските партии. Човекот се подготвува од поодамна за локални избори напролет. Меѓутоа, на замреното градилиште деновиве наеднаш се појавија многу работници, инженери, техничари. Доградбата на платформата почна со драматична брзина. И ова нема никаква врска со крајно разнишаните односи меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и со поведената бракоразводна парница меѓу долгогодишните партнери. Нели. Може да се дојде до многу погрешен заклучок ако деновиве некои републички инспекции не ја запрат изградбата. Експертите за коалиции можат да откријат дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се договориле нешто важно. Одговорот ќе ни го кажат аналитичарите во зависност од стопирањето или забрзувањето на изградбата на платформата, која неколку пати е проширувана од првобитниот проект. Не знам дали плоштадот „Скендербег“ ќе биде готов до локалните избори, ама знам дека таму ќе има голем митинг. Ако има избори.

Има и политички платформи. И таму е ограничена слободата и движењето до каде може да се оди. Една таква платформа која градителите ја осмислиле како постизборна револуција им го мати паметот деновиве на многу луѓе, а мислам најмногу на националистите и шовинистите од двете страни кои веднаш ги покажаа роговите. Веќе го поставив прашањето што ќе добијат, а што ќе изгубат Македонците , Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите... и сите други што живеат во Македонија ако огромното мнозинство граѓани се изедначи во обесправеноста, бедата и сиромаштијата, ако продолжи да живее на платформа со која управуваат моќници и тркачи по профит на нечесен начин, осомничени властодржци за организиран криминал и корупција. Што ќе ни е платформа на која сите се под надзор и прислушувани, на која немаш право на сопствен избор и за разлика од вистинските платформи платите се бедни и понижувачки.

Не може да не пречи ни на најнеутралните граѓани понудата на платформата во стилот земи или остави и сега му е мајката. Се очекуваше поголема почит кај лидерите на албанските партии, особено кај ДУИ на извонредната историска лекција која им ја испратија гласачите. Тие не бараа партиска платформа, туку нешто многу позначајно и поуниверзално, а тоа е слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, независни судови и медиуми, но пред се' подобар и побогат живот за сите граѓани на Република Македонија.

Не знам каква понуда или платформа упатил СДСМ до водачите на албанските партии и што прифатиле или отфрлиле социјалдемократите и нивните партнери, но чинам има уште време на последните заеднички состаноци сите лидери да настапат државнички, а не тесно партиски и да договорат нешто многу позначајно, а тоа е по егзекуцијата на режимот да дадат јасен и гласен одговор какво општество ќе градиме заеднички како пристојно место со еднакви права и одговорности за сите граѓани кои живеат во Македонија. Така Македонија може да се врати на вистинскиот пат како фактор на стабилноста на Балканот и да биде прва земја во регионот која највисоко ќе ги крене универзалните стандарди на демократијата и човековите права.

Платформите сами по себе се ограничени во секој поглед. Доследната примена на Уставот во практиката и во секојдневниот живот нуди многу поголеми можности отколку сеалбанската платформа правена на врат на нос, која македонските националисти ја доживуваат како атомска бомба, а албанските како глупаво комплицирање и непотребно задржување кон создавање трета албанска држава на територијата на Македонија.

Во овие денови на исчекување, шпекулации, преговори и договори мора да преовладеат студени глави и разум, државнички настап со јасна порака до граѓаните дека се отстранети причинителите на кризата и дека Македонија е одлучна на патот кон Европа и НАТО, кон слободата, но и кон одговорноста за спроведување на историската шанса. Дали е избран вистинскиот пат и вратена довербата кај граѓаните ќе покажат многу бргу локалните избори, а уште побргу настаните што ќе се случат во Македонија до изборите. Големите настани исфрлаат на сцената и големи личности и државници. Македонија повторно е во еден таков момент, каков што беше распадот на Југославија и одбегнувањето на крвавата војна кога ја добивме независноста без ниту еден испукан куршум и без ниту една жртва на територијата на Македонија. Вториот момент беше Охридскиот договор кој ја спречи граѓанската војна. Во овој миг недостигаат мудроста на претседателот Киро Глигоров и прагматичноста на претседателот Борис Трајковски. Првиот ја испрати од земјата ЈНА со потпис на меѓудржавен договор, а вториот не прогласи вонредна состојба 2001 година иако беше изложен на силен притисок тоа да го направи што лесно можеше да ја вовлече Македонија во крвава граѓанска војна. Денешниот претседател Ѓорге Иванов не е дораснат на историскиот миг. Повторно е во фаза на мирување. Човек не знае кога е полошо кога молчи или кога зборува. Иванов покажа дека на Македонија не и' е потребен претседател. Некои се трудат да докажат дека на Македонија не и' треба ни влада. Ќе сме биле како Белгија. Еве оваа која е сега како да ја нема, целосно е нефункционална. Парламент нема, никој не ни чувствува потреба да го има.

Нема влада, нема премиер, нема парламент, нема претседател на државата. Кој рече Белгија.

erizaov.mk

 

 

Кликнете ОВДЕ за повеќе колумни од авторот

НАПОМЕНА: Преземањето на текстот или делови од него, како и преземање на фотографија е дозволено само со одобрение од "Утрински весник" или според правилата на МПМ. За правилата на МПМ за преземање авторска содржина кликнете тука.

Статијата е прочитана 4182 пати.


Испрати коментар
Денот низ фотографии
 
Најнови вести
16°СкопјеВреме
Претежно облачно
Сре12
Чет13
Пет13
Саб8
Нед11
Пон13
Вто14
Сре13
Чет13
Пет12
Популизам: анализа на еден феномен
Нема бесплатно полнење на мобилните апарати
Грција: Кризата засега одложена
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ