www.utrinski.com.mk
29 април 2017 01:54
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
11.01.2017, 16:38

Светска банка ги намали прогнозите за економски раст на земјава

Ако се погледнат земјите од регионот, Македонија според очекуваниот раст од 3,3 отсто за годинава се најде на вториот дел од листата, односно зад нас се само две држави

Нина Нинеска-Фиданоска


Намалени се прогнозите на Светска банка за македонската економија за оваа и за минатата година. Проекциите за раст на бруто-домашниот производ на земјава светските банкари ги спуштија во однос на своите јунски прогнози, додека, пак, тие се слични со оние кои беа објавени во октомври минатата година. Конкретно, Светска банка очекува дека македонската економија годинава ќе порасне за 3,3 отсто, што е намалување за 0,7 процентни поени во споредба со јунските очекувања, кога СБ предвидувала раст од 4 отсто за оваа година за македонската економија.

Ако се погледнат земјите од регионот, Македонија според очекуваниот раст од 3,3 отсто за годинава се најде на вториот дел од листата, односно зад нас се само две држави. Првото место го држи Косово, со проектиран раст од 3,9 отсто, а по неа следува Црна Гора со стапка од 3,6 проценти. Трета е Албанија со 3,5 отсто, а ние сме четврти. Зад Македонија, пак, остануваат Босна и Херцеговина со стапка од 3,2 проценти и Србија, за која годинава се очекува пораст на БДП од 2,8 отсто.

Светските банкари за в година очекуваат македонската економија да порасне за 3,7 отсто, што е исто така за 0,3 поени помалку од очекувањата во јуни. Додека, пак, за 2019 година се предвидува дека економијата на земјава ќе оствари раст од 4 отсто.

Намалени се и прогнозите на Светска банка за растот со кој земјава треба да ја заврши минатата година. Односно, светските банкари прогнозираат дека 2016 година Македонија ќе ја заврши со стапка на пораст од два отсто, што е намалување за дури 1,7 процентни поени во однос на јунските очекувања. Или, тогаш се очекувал раст за лани од 3,7 отсто.

Како што е познато, Државниот завод за статистика на земјава досега има објавено податоци за првите три квартали од минатата година, односно растот, според најновите ревидирани податоци, изнесувал 2,6 отсто во првиот, потоа 3,1 отсто во вториот и 2,4 отсто во третиот квартал.

На крајот на октомври минатата година СБ во својот извештај за земјите од регионот, за Македонија за лани предвиде раст од 2 отсто, нагласувајќи дека тој забавува, а како главна причина за тоа ја наведе политичката криза во земјава. За растот од СБ објаснија дека се должи само на јавните инвестиции во градежништвото, а тоа, пак, се финансира главно со странски задолжувања и го зголемува јавниот долг. „Гледаме дека оваа година растот значително забави, како последица на намалените инвестиции кои беа силно погодени од пролонгираната политичка криза. Во однос на среднорочниот раст, очекуваме постепено закрепнување на Македонија, па според нашите проекции од основното сценарио, се претпоставува - избори во декември и формирање стабилна Влада во 2017, растот би бил 3,3 во 2017 и 3,7 отсто во 2018 година“, наведоа во октомври светските банкари, што значи дека овие нивни очекувања се базираат на стабилизација на политичката состојба во земјава. Главни ризици за ова сценарио, според СБ, се политичките превирања, слабости во менаџирањето на јавните финансии и ефикасноста во трошењето, натамошно зголемување на јавниот долг и стагнација во структурните реформи во последната година и пол. Во врска со јавниот долг на земјата, пак, СБ нагласи дека тој постојано расте, како и дека овој тренд нема да сопре ниту во следните три години, и во 2018 долгот ќе изнесува 54,1 отсто од БДП.

Инаку, во својот извештај за економските перспективи, СБ благо ја намали прогнозата за растот на светската економија во оваа година, односно се очекува тој да изнесува 2,7 отсто, наспроти претходно очекуваните 2,8 отсто во јуни минатата година.

Но, како што пренесе АФП, „несигурноста за економската политика на САД со новиот претседател Доналд Трамп, ја замаглува целата перспектива“. Светска банка, сепак ја одржува својата прогноза за САД. Односно, американската економија годинава треба да порасне за 2,2 отсто, исто колку што се очекуваше и во јунските прогнози. За минатата година, пак, проценетиот раст за САД изнесува 1,6 отсто.

СБ очекува Русија и Бразил да излезат од рецесијата, поттикнати од поскапувањето на нафтата, но растот на Кина ќе се забави и годинава ќе изнесува 6,5 отсто.

Еврозоната годинава треба да забележи раст на економијата за 1,6 отсто, по ланскиот раст од 1,5 проценти.

СБ во својот извештај напиша дека глобалниот економски раст се предвидува умерено да порасне на 2,7 отсто во 2017 година, откако за лани се предвидува раст од 2,3 отсто, што се смета за посткризно ниско ниво.

„По години на разочарувачки глобален раст, охрабрени сме дека гледаме посилни економски перспективи на хоризонтот. Сега е време да ја искористиме предноста на моментумот, да ги зголемиме инвестициите во инфраструктура и во луѓе“, изјави Јим Јонг Ким, претседател на СБ.

Статијата е прочитана 481 пати.


Испрати коментар
Поради снегот, преполовена работата на транспортерите
НБМ ја намали каматата на благајничките записи на 3,5 отсто
Банките лани собрале повеќе заштеди, но помалку дале кредити
На аеродромите лани за 15 отсто повеќе патници
Грција го исклучи далноводот кон Македонија

Електронско издание

Денот низ фотографии
 
Најнови вести
16°СкопјеВреме
Облачно
Саб22
Нед16
Пон21
Вто23
Сре23
Чет24
Пет22
Саб23
Нед23
Пон20
НајчитаниНајкоментирани

Македонија: хроника на едно долго најавувано злосторство
Мост излегува од хрватската влада
Даночната реформа на Трамп е осудена на неуспех
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ