www.utrinski.com.mk
22 јануари 2017 09:30
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
10.01.2017, 18:12

Влада до март или нови избори во мај

Додека се чека старите партнери – Груевски и Ахмети да седнат повторно на маса, Заев чека втора шанса за добивање на мандатот

Александра М. Митевска



Додека течат првите денови од рокот во кој старо-новиот мандатар Никола Груевски треба да состави влада, се зголемуваат и дилемите околу коалицискиот потенцијал на досега владејачката партија, која првпат, по една деценија неприкосновено владеење, е соочена со ризик од враќање на мандатот.

Ако во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ, како убедлив победник на тогашните избори, можеше да си дозволи комоција да ја отфрли ДУИ како партнер во владата, сега кај партијата на Али Ахмети е клучот за тоа дали идниот владин кабинет ќе биде составен во прв обид. И додека се чека старите партнери да седнат повторно на маса, лидерот на СДСМ Зоран Заев чека втора шанса за добивање на мандатот. Или, во крајна варијанта, како што прогнозираат некои од политичките набљудувачи, во нови избори ќе се бара разврска за постизборниот заплет на домашната политичка сцена.

Заедничката платформа што ја потпишаа трите најбројни партии на Албанците дополнително го стеснува маневарскиот простор на ВМРО-ДПМНЕ, како партија за чија изборна кампања може да се каже дека во голем дел беше етноцентрична. Но, и без тоа, двете новоформирани партии Беса и Алијансата на Албанците веќе се изјаснија дека не планираат да коалицираат со Груевски, така што сега останува да се види какви потези ќе повлече ДУИ во наредните денови.

„Мислам дека не сите им е јасно дека овој пат не може да се состави влада без ДУИ. Од една страна досегашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би можеле сами да коалицираат со своите 61 пратеник, од друга страна, мислам дека другите партии на Албанците се подготвени да поддржат во парламентот избор на влада меѓу СДСМ и ДУИ и без тие да учествуваат во неа“, вели аналитичарот Роберт Несими.

Сепак, ако се има предвид платформата на трите партии од албанскиот блок што ја турка ДУИ, Несими вели дека не е исклучено на Македонија да и' се случат нови вонредни парламентарни избори напролет.

„Груевски има рок до 29 овој месец да состави влада. Ако не успее, мандатот би требало да помине кај Заев, што значи уште триесетина дена обиди за формирање коалиција. Доколку до почетокот на март нема влада, доаѓа терминот за редовните локални избори, што значи дека е можно тогаш да се оди и на нови предвремени избори. Ситуацијата која се развива околу платформата што ја промовира ДУИ, можеби, ги турка процесите во таа насока“, вели Несими.

Со слична процена околу алтернативите за формирање влада е и Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

„Јас лично, иако сум најчесто оптимист, некако не верувам дека ни ВМРО-ДПМНЕ ни СДСМ ќе успеат да состават влада, што ќе доведе до потреба од нови предвремени избори, веројатно заедно со локалните некаде во мај“, вели Кржаловски.

Тој смета дека по изборите продолжува да се продлабочува политичката криза во земјава, иако, како што вели, добро е што овој пат нема оспорување на конечните резултати, ниту сосема различна интерпретација на исходот.

„За жал, иако очекувањето беше изборите да донесат барем политичка, наспроти правна, разрешница на кризата, се чини дека со постигнатиот резултат таа само се продлабочува. Имено, ниту СДСМ признава дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак, е победник на изборите (со двајца пратеници и околу 20.000 гласови повеќе), ниту пак ВМРО-ДПМНЕ признава дека, сепак, мнозинството од граѓаните не гласаа за досегашната владина коалиција (другите партии имаат добиено околу 70,000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно). И сметам дека тоа ќе се рефлектира во обидите за составување на новата влада“, вели Кржаловски.

Претседателот Ѓорге Иванов му го додели вчера мандатот за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, без да бара одредени гаранции од него дека ќе може да состави парламентарно мнозинство. За разлика од претходните постизборни периоди, овој пат од старт се виде дека математиките околу собирање најмалку 61 пратеник нема да одат мазно. Конституирањето на деветтиот парламентарен состав помина без избор на претседател на Собранието и прашање е до кога ќе може да се одржува ситуацијата во која нема кој да свика собраниска седница, додека државата функционира со влада во оставка.

„Не би се навраќал на можноста во периодот до доделувањето на мандатот за составување влада на ВМРО-ДПМНЕ да се искористи уставната одредба за составување на парламентарно мнозинство. Бидејќи тоа се пропушти, коректно е победникот на изборите да се обиде да го направи тоа во следниве 20 дена. Резултатот укажува дека е тоа сосема можно, т.е. дека досегашната владина коалиција има 61 пратеник и со самото тоа може веднаш да се договори за нова (иста) влада, а со ДПА да има и 63 пратеника. Колку и да е тоа мнозинство мало и нестабилно, не мора да значи дека нема да трае долго, па и да „истера“ цел мандат. Но, се чини, дека тоа нема да оди лесно и поради пораката од гласачите во смисла на помалиот број гласови од порано (особено кон ДУИ), а сега дополнително и поради платформата на партиите на етничките Албанци“, вели Кржаловски.

Тој посочува дека ако не се договори истата владина коалиција како досега, логично е вториот со најголем број пратеници (во случајов СДСМ) да добие мандат за составување влада, иако, како што вели, може да се слушнат деновиве и различни толкувања, за што всушност има и претходна пракса. Во секој случај, потенцира Кржаловски, клучот е кај ДУИ, освен ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не направат парламентарно мнозинство, а тоа, како што вели, е прилично неверојатна можност. „Сега имаме ситуација во која е потребно прекршување меѓу лојалноста кон досегашниот владин партнер, вклучително со почитувањето на т.н. принцип од мајскиот договор за влада меѓу победниците во македонскиот и во албанскиот етнички блок, и потребата за промени согласно гласањето и прашањата на кои ДУИ инсистира, како продолжувањето на мандатот на СЈО или сега и седумте точки од „платформата на Албанците“. Веројатно како никогаш досега, оваа дилема ќе продре на многу лично ниво кај десеттемина пратеници на ДУИ, каде што има и дополнителна дилема – дали самата партија ќе успее да изгради единствен став во однос на коалицирањето и дали сите десет пратеници ќе ја прифатат и почитуваат партиската одлука - ако има таква“, вели Кржаловски.

Партнерите на Груевски незадоволни од платформата на Албанците

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера попладне одржа средба со  лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“, на која станало збор за резултатите од предвремените парламентарни избори, а во пресрет на започнувањето на преговорите за формирање нова влада. Илија Димовски, член на Извршниот комитет на партијата и пратеник, по средбата изјави дека „во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има негодување за платформата и некаковси бинационален дијалог“.

Во однос на најавеното отпочнување преговори за формирање влада со ДУИ, Димовски рече дека насоките за преговори се составен дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

„Доколку ме прашувате во врска со позициите на ДУИ, би сакал да кажам дека ние ги соопштивме нашите ставови преку интервјуто на претседателот Никола Груевски“, рече Димовски и додаде дека на средба видливо било негодувањето, посебно од страна на претставниците на политичките партии кои ги претставуваат помалите етнички заедници во врска со платформата и евентуално сведување на целата дискусија на некаковси бинационален дијалог помеѓу етничките заедници.

Во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, се претставени сите политички партии на помалите етнички заедници на Турците, Власите, Ромите, Бошњаците, Србите во Македонија. За тоа кога ќе почнат преговорите со ДУИ за формирање влада, Димовски не прецизираше. „Роковите се јасни, така што мислам дека нема ништо спорно околу тоа“, рече упатувајќи на информации од партиските прес-служби. 

Главна тема на вчерашната средба во Скопје биле изборите и случувањата по изборите, како и поддршката и легитимитетот што ја има Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ и како мандатар од страна на коалициските партнери.

„Сите претставници на политичките партии ги предочија своите видувања околу ангажманите и резултатите и за сето она што се случи во Република Македонија на денот на изборите. Беа давани различни идеи како од тука натаму коалицијата да постапува, при што беше потврден целокупниот легитимитет и целокупната поддршка којашто претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сега како мандатар ја има од коалицијата ’За подобра Македонија’“, изјави Димовски.

Љупчо Георгиевски го врати мандатот во 1992 година

 

Македонскиот плурализам уште во своите почетоци го регистрира првиот случај на враќање на мандатот за формирање влада. Во 1992 година, откако падна експертската влада, од мандатот се откажа тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски, кој подоцна стана премиер – дури по изборите во 1998 година.

По падот на кабинетот на Никола Кљусев, тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров му го довери мандатот на Георгиевски, чија партија имаше најмногу пратеници во првиот парламентарен состав.

Во едно интервју за „Утрински весник“, Георгиевски зборува за паѓањето на првата македонска влада и објаснува зошто тој потоа, во рок од десет дена, го вратил мандатот.

„Кога СДСМ ја поведе иницијативата за рушење на кабинетот на Кљусев, ние дојдовме во ситуација ако гласаме за останување на таа влада, да покажеме дека таа е наша. Не ни остана ништо друго освен да покажеме дека таа влада не е наша, особено што не бевме задоволни од соработката со Кљусев, затоа што сметавме дека тој се однесуваше целосно игнорантски спрема целото членство на ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно Кљусев беше избран по штипската линија и поради долгогодишното пријателство со Глигоров. По падот, Кљусев стана критичар на Глигоров, меѓутоа како премиер тој беше послушник на претседателот на државата. За да се поправи грешката, ние го добивме мандатот и јас бев формално мандатар. Тоа траеше десет дена, правевме обиди, но беше јасно дека ПДП има договор со СКМ-ПДП. Рокот од десет дена истече, не успеав да формирам влада, го вратив мандатот, па го доби Гошев и беше многу чудно што тој се откажа“, изјави Георгиевски.

Откако Георгиевски го врати мандатот, СДСМ, како втора по бројност партија во Собранието, доби можност да ја формира првата политичка влада во независна Македонија. Потоа, од мандатот се откажа и Петар Гошев, кој во тоа време веќе не беше претседател на СКМ-ПДП, по што новиот лидер на партијата, Бранко Црвенковски, ја состави владата во која учествуваше и првата партија на македонските Албанци, ПДП. (П.Р.)

 

Статијата е прочитана 2999 пати.


Испрати коментар
Продолжува битката за ССМ
Толкувањето за мандатите светски преседан
СДСМ - чека сигнал од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
(ФОТО) Парнерите на Груевски незадоволни од платформата на Албанците
Ахмети - Ако никој не ја прифати платформата, можни се и нови избори
Вајгл - Не е прифатлива изјавата на Дачиќ за Македонија
си знат тие во дуи, 11.01.2017 00:06:18
овај цитат на груевски е лесно да се протолкува и најмалите знат дека ахмети и муса искешираја големи пари за разлика од другите во дуи зато тие му седат во скутот на груевски ама сега има ризик да се распадни дуи и ахмети комплетно да исчезни од политичката сцена
   46 |   29
jiokppnjjpg, 11.01.2017 00:36:43
I pokraj toa sto smetam deka na sdsm(po primerot na italijanskata komunisticka partija) ne treba da mu se dava mandat za vlada poradi antiustavnite, antidrzavni i antinarodni dejstvija i ambicii i poradi albanskata platforma i vazalskiot odnos kon Albancite i Albanija, sepak bi sakal da mu bide dadena moznost na delo da gi pokaze i dokaze gavolskite afiniteti i ambicii i deka nisto ne mu e sveto vo borbata za fotelji, za koja cel bese kreirana izbornata kampanja koja e izvor na alb.platforma. Bi mu se napravila golema usluga na sdsm dokolku bez da mu se dade takva prilika bi se odelo na novi izbori. Inaku sdsm ne uspea da gi zovrie strastite na DPMNE i Makedoncite i da gi sogori i potone vo konfrontacija so Albancite so sto ke go diskreditirase DPMNE kako koalicionen partner a ke go odnesesesdsm do pobedata. sdsm imase namera so spinuvanje takvata etnicka konfrontacija da mu ja pripise na DPMNE. No toa ne e novo.sdsm za site 25 godini vrsi kolektivno kodosenje na DPMNE i Makedoncite.
   31 |   62
bitola-1, 11.01.2017 05:47:32
Pak novi izbori so poznatite Kurto i Murto,i se taka do kraj,ili do konecno budenje na slepite samomisliteli,koj konecno bi trebalo da svatat deka so aramii i vtemeluvaci na ova 26g ZLO bez kazna, {sds-dpmne} nema Promeni,ni sloboda ni PRAVDA.
   37 |   30
od ostrijot, 11.01.2017 09:01:52
ne berete gajle dali milom ili silom gruevski ke formra vlada a vo toa kemu pomogne i predsedatelot na drzavata kako se veli jas tebe ti mene.
   31 |   29
stoe, 11.01.2017 09:12:20
vo ralizam nekade nema da odredena partija ili malcinstvo se vo vlada,vlada moze da formira i partija so osvoeni 20% dokolku ima poddrska no ne i soglasnost da se vo vlada drugi partii.vlada moze da bide i sds i vmro bez partiite na makedonskite albanci.
   28 |   34
Ајван Доктор®, 11.01.2017 09:40:48
Викиликс објави дека американска амбасадорка била запознаена со мајскиот договор (2008) кој Груевски за да не излезе дека витка кичма (омилен израз на неговите сопартијци) го спроведе тивко,во обланда!САД преку својата дипломатија информираат дека се работи за јазикот,за социјално згрижување на борците на АНА/ОНА,и делење плати за одредени лица според приоритетна листа на ДУИ!Да се потсетиме,сите договорени точки се спроведени без закон: јавна тајна е дека Македонија има преку 2.000 вработени кои не одат на работа (членови на ДУИ,но и на ДПМНЕ),а земаат плата!Јазикот е официјализиран во Собранието,а социјалните додатоци одат кај сите,само не кај оние на кои им е најпотребно!Се очекува нов договор,а Платформата на албанските партии е договор за нови избори со националистичка реторика!Лажна е националната загрозеност на Албанците!Тие се загрозени колку и останатите граѓани на РМ–успехот им зависи од членство во „најалбанската“партија!
   41 |   35

Електронско издание

Денот низ фотографии
 
Најнови вести
НајчитаниНајкоментирани

Во долината на приврзениците на Трамп
„America first", што ли значи тоа?
Кога родителите мора да се плашат од своето дете
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ