www.utrinski.com.mk
23 април 2017 09:53
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
19.03.2017, 13:54

Мислење

Русија и замките на теоријата на заговор

Маша Гесен

Русија стана универзално реторичко оружје во американската политика. Основата на приказната за врските помеѓу Трамп и Путин е протекувањето информации од разузнавачките агенции на кое му нема крај

Што е проблемот со Русија? Тоа е сериозно прашање.

Една од работите што ги обединуваат американскиот претседател Доналд Трамп и членовите на неговиот кабинет е наклоноста кон лажење. Веб-страницата ProPublica неодамна објави список со лагите што кандидатите на Трамп ги искажале во интервјуата пред Конгресот, главно под заклетва. Шефот на Агенцијата за заштита на животната средина, Скот Пруит, лажеше кога изјави дека не користел приватна електронска адреса, додека ја извршуваше должноста главен обвинител во Оклахома (потпретседателот Мајк Пенс го правеше истото додека беше гувернер на Индијана); секретарот за здравство и социјална заштита, Том Прајс, лажеше за сомнително купување акции; секретарот за финансии, Стивен Мнухин, лажеше за придобивките што ги имаше компанијата од кризата на пазарот на недвижности; секретарката за образование, Бетси Девос, лажеше дека не е вклучена во работата на фондацијата на нејзиното семејство, која ја поддржува борбата против ЛГБТ+ организации и која финансираше повеќе конзервативни трустови на умови и колеџи, иако даночните пријави покажуваат дека била потпретседателка на фондацијата 17 години. И, како што неодамна се дозна, главниот државен правобранител Џеф Сешнс лажеше за контактите со рускиот амбасадор.

Лажење пред Конгресот е кривично дело. Сепак, нивните кандидатури се прифатени. Гласањето се одржа иако пред донесувањето на одлуката беше јасно дека кандидатите го довеле Конгресот во заблуда - и покрај фактот дека секој од нив застапува политики што загрозуваат голем број Американци.

Лажењето за Русија е нешто друго. Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Флин, беше принуден да се повлече по помалку од четири недели од новиот мандат, бидејќи се дозна дека се состанувал со рускиот амбасадор; сега и Сешнс се соочува со барања од двете партии да го стори истото, бидејќи е откриено дека го лажел Конгресот за своите контакти со истиот амбасадор.

Се разбира, само се преправам дека не знам зошто Русија е толку посебна. Повеќе од шест месеци американската имагинација се потпира на Русија. Во Русија веруваме и кога треба да се разбуди надеж, бидејќи кога рускиот заговор конечно ќе се демаскира ќе му дојде крајот на овој кошмар.

Многу новинари и политички коментатори од декември се убедени дека зад се' стои руски заговор. Некои го мислат тоа од октомври, а некои уште од јули. Тоа уверување помага во „поврзување на точките“, кои во се' поголем број излегуваат на површина. Секоја нова приказна го зголемува постојниот куп докази, дури и ако подоцна се покаже дека меѓу нив не постои никаква поврзаност.

Основата на приказната за врските помеѓу Трамп и Путин е протекување на информации од разузнавачките агенции на кое му нема крај, и тоа е она што најмногу загрижува. Речиси ниту една од информациите кои протекоа не можат независно да се потврдат. Контекстот, редоследот и изборот на моментот кога информациите ќе стигнат во јавноста ги одредуваат луѓето што не и' се познати на јавноста, а од јавноста се очекува да им верува на приказните од анонимни извори; се' уште не добивме цврсти докази ниту за вмешаност на официјалните претставници на Трамп во заговор.

Со оглед дека целата приказна заедно ја лансираат разузнавачката заедница и медиумите, не треба да не' изненади што секое наредно обелоденување создава впечаток како уште едно парче од сложувалката да доаѓа на свое место. Настаните се нижат како во некоја старомодна ТВ-серија, поделена на неделни епизоди што не можеме да ги гледаме сите за еден викенд. Она на што се сеќаваме од првите продолженија не се информации туку само општа атмосфера.

Сега во центарот на вниманието е републиканската конвенција поради средбата на рускиот амбасадор и Сешнс, кој во тоа време беше советник на Трамп. Средбата се остварила во Кливленд, на дипломатскиот состанок организиран паралелно со конвенцијата. На 2 март „УСА тудеј“ објави дека уште двајца претставници на кампањата на Трамп – Џ. Д. Гордон и Картер Пејџ - разговарале со рускиот амбасадор во истата прилика. Кога Си-ен-ен ја пренесе приказната, беше објавено дека „Гордон рекол оти бил дел од тимот во рамките на кампањата на Трамп, задолжен да уфрли во републиканската платформа формулација со која се потврдува дека Републиканската партија нема да се залага за вооружување на Украинците во нивната борба против проруските сепаратисти“. Авторот Џим Акоста продолжува:

„Се разбира, тоа беше важно прашање во моментот. И нивните напори дадоа резултати. Успеаја да вклучат таква формулација во платформата на Републиканската партија. Го прашав Гордон зошто сакаа тоа да се внесе во текстот? Тој одговори дека самиот Трамп го сакал тоа и го побарал уште во март, кога се состанале во незавршениот хотел ’Трамп‘ во Вашингтон. Џ.Д. Гордон вели дека Трамп изјавил дека ’не сака да почне трета светска војна поради Украина‘“.

Авторот потоа кратко забележува дека Гордон тврдел дека немало непримерни разговори меѓу него и рускиот амбасадор.

Во написот доминира општ тон на осуда за тешко злосторство - освен ако читателот не знае дека „формулацијата“ што Акоста успеа да ја спомене дури четири пати за помалку од 30 секунди воопшто не постои - луѓето од тимот на Трамп не уфрлиле во платформата на Републиканската партија ништо што се однесува на Украина. Ставот за кој во написот вината му се припишува на Трамп, всушност, е став на американската дипломатија што го застапуваше и администрацијата на Обама. „Состаноците“ што толку злокобно се прикажани во печатот се одржале пред очите на јавноста на панел-дискусии и коктели по дискусиите - што е во описот на работното место и на советникот во кампањата и на рускиот амбасадор.

Си-ен-ен дури, без никакви докази, објави дека рускиот амбасадор е „шеф на шпионите“, што е невидено обвинение што може се спореди со руската пропаганда за амбасадорот на Обама во Москва, Мајкл Мекфол.

Следниот дел од сложувалката, кој во меѓувреме стана нејзин камен-темелник, е заедничкиот извештај на разузнавачките служби за вмешаност на Русија во кампањата, кој беше објавен во декември, а кој, најкратко кажано, е смешен. Дали е можно да постои куп доверливи информации кои се' уште не протекле, а кои докажуваат дека постоел руски заговор и дека бил успешен во манипулирање со резултатите од американските избори? Да, можно е. Дали, исто така, е можно помал или поголем број припадници на разузнавачките служби, кои, природно, се навредени поради обвиненијата на Трамп на сметка на разузнавачкиот естаблишмент и исплашени од она што тој би можел да го направи од земјата, се обидуваат да го поткопаат неговиот кредибилитет со инсинуации и недоволни докази? Да. Но, не може да се негира дека играта на потрага по точките кои ги поврзуваат Трамп и Путин доби пропорции на теорија на заговор. Тоа не значи дека не постои заговор. Но, самата можност за негово постоење не може да оправда прифаќање на таков начин на размислување.

Трамп и целиот негов тим од кампањата и натаму се истите маргиналци со кои Русија традиционално соработува, досега без видливи резултати. Дури и инсајдерите во тимот на Трамп се аутсајдери. Колегите од Сенатот секогаш го сметаа Џеф Сешнс за ексцентрик и екстремист во однос на имиграцијата и другите прашања; генерал Мајк Флин беше разрешен од администрацијата на Обама поради непослушност и наклоност кон теории на заговор. Други, како Картер Пејџ, советникот за надворешна политика, досега не извршуваа никакви важни функции. Пол Манафорт, поранешен менаџер на кампањата, и покрај многбројните препораки од Републиканската партија и Вашингтон, во основа е платеник, кој ќе работи за секој измамник што ќе му понуди работа. А Стив Бенон позицијата на аутсајдер и маргиналец ја претвори во професија.

И тогаш победи тим составен од маргиналци, а теориите за влијанието на Русија врз исходот на изборите - иако Кремљ, по секоја веројатност, сметаше на победа на Хилари Клинтон - толку се раширија што водечките членови на Конгресот побараа специјален истражител да отвори истрага. Ако постои причинско-последичен однос меѓу мешањето на Русија во кампањата и победата на Трамп со 70.000 гласа, и разлика од три држави, веројатноста дека тоа може да се докаже е занемарливо мала. А ако тоа не е можно, за што би служела таква истрага? Да се покаже дека соработниците на Трамп лажеле за контактите со руските официјални претставници - како што по навика лажат за многу други работи. Зошто лагите за Русија се полоши од другите лаги?

Некои одговори можат да понуди и интуицијата: републиканците во Претставничкиот дом и Сенатот едноставно немаат сила да ја обвинат администрацијата на Трамп за другите лаги - дури и ако е прекршен законот. Ќе сторат се' што е во нивна моќ да се избегне таква можност, бидејќи колку и да е ужасен Трамп, неговата администрација конечно им дава можност да ги остварат сите свои политички цели, од укинување на здравствената заштита до намалување на данокот и отповикување на реформите во банкарскиот сектор. Исто така, нивните гласачи го избраа, а Трамп на секоја индикација за недоволно поддршка, вистинска или привидна, ќе одговори со бура на „Твитер“. Од друга страна, стравот дека ќе изгледаат како да ја занемариле најголемата закана за националната безбедност и дека не се доволно лојални на татковината би можела да ги принуди сепак да реагираат на обвиненијата, ако продолжи притисокот на медиумите.

Русија стана универзално реторичко оружје во американската политика.

Зад хистеричната опседнатост со Русија стои надежта дека со текот на времето околу Трамп ќе се создаде облак од сомнежи доволно мрачен да го принуди Конгресот да најде сила и да изнедри основа за негово сменување. Ако се случи тоа, ќе биде резултат пред се' на медиумската кампања што ја оркестрираа припадниците на разузнавачката заедница – со што се воспоставува опасен политички преседан кој ќе ја корумпира јавната сфера и ќе предизвикуваат параноја. И тоа во најдобар случај.

Сепак, многу поверојатно е дека обвиненијата кои го поврзуваат Трамп со Русија нема да доведат до негово паѓање. Тој можеби ќе жртвува уште некој соработник, како што го жртвуваше Флин. Истрагите можат да се развлекуваат со месеци и патем да истиснат на маргините на некои други, поважни прашања. На крајот, републиканците во Конгресот ќе заклучат дека врските на Трамп со Русија не се доволно важни за нивните гласачи за да вреди поради тоа да го соборат републиканскиот претседател. Во меѓувреме, додека Русија доминира на насловните страници, Трамп ја продолжува својата војна против имигрантите, намалување на буџетот за се' што не е војска и составување на кабинет на презрени.

Се чини дека, според планот на Трамп, секој од неговите кандидати има задача да ја уништи агенцијата што му е доделена - да го извршат она што Стив Бенон го опишува како „разградување на административната држава“. Што се однесува до Сешнс, во првиот говор што го одржа на новата функција тој вети дека ќе ја намали примената на Законот за граѓански права, а веќе ја прекина постапката на Секретаријатот за правда за оценка на дискриминаторскиот закон на Тексас за идентификација на гласачите. Но, медиумските наслови упорно повторуваат само обвиненија дека лажел за контактите со руските официјални претставници.

Но, фокусирањето на Русија донесе и некои неочекувани позитивни резултати. По оставката на Флин, Трамп на местото советник за национална безбедност го назначи генерал-полковник Х. Р. Мекмастер, промислен и почитуван воен стратег. Исто така, се очекува дека Фиона Хил, веројатно најголемиот американски познавач на Русија на Путин, ќе биде надлежна за Русија во Националниот советот за безбедност. Таа е доследен и прониклив критичар на Путин и поборник за продолжување на санкциите кои САД ги воведоа по инвазијата на Украина. Двете именувања - и фактот дека санкциите и натаму се во сила по шест недели од вратоломниот мандат на Трамп – се во спротивност со прикажувањата на Трамп како „пион на Путин“ (како и фактот дека руската внатрешна пропаганда веќе се сврте против Трамп). Но, теориите на заговор не обрнуваат многу внимание на фактите.

Замислете кога исто толку внимание би се посветило на некои други проблеми - како што е забраната на влез на муслиманите во земјата. На тој начин не би се ослободиле од Трамп, но можеби би ја ограничиле штетата што ја предизвикува. Тој ги уништува американските демократски институции и принципи така што претседателската функција ја претвора во машинерија за стекнување на профит за себе и своето семејство, тој ја труе политичката култура со полуписмена реторика полна со омраза и лаги, ја поткопува јавната сфера со напади врз новинарите и демонстрантите и се подготвува да ги демонтира сите сегменти на федералната администрација на кои целта не им е водење на војна. Аферата со Русија само му помага во тоа - така што го свртува вниманието од вистинските, докажувачки и документирани проблеми и разгорува масовна ксенофобична теорија на заговор, чија единствена цел е еден ксенофобичен теоретичар на заговор да се отстрани од функцијата.

(Авторката е руско-американски новинар

и писател. Текстот е објавен

во „Њујорк ривју оф букс“)

Статијата е прочитана 786 пати.


Испрати коментар
Засега без главни улоги
Мапирање на иднината на АИ
bitola-1, 20.03.2017 08:09:49
Kako se veli,se si ima dve lica,ili sekoe losho za arno ili pak obratno,a politikata e sto bi bilo koga bi bilo.
   18 |   17

Електронско издание

Денот низ фотографии

Најнови вести
10°СкопјеВреме
Делумно облачно
Нед16
Пон17
Вто21
Сре23
Чет23
Пет24
Саб20
Нед17
Пон17
Вто18
НајчитаниНајкоментирани

Конфронтации во Келн: Жестоки протести против АФД
Македонија на чекор до неславниот рекорд на Холандија
Германија не е виновна што извезува толку многу
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ