www.utrinski.com.mk
27 април 2017 14:54
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
11.01.2017, 18:02

Формирањето влада во 1992 и во 2017 – тешка равенка

Шефот на државата отвори простор за различни толкувања на Уставот со тоа што определи мандатар без да бара од него гаранција дека има мнозинство во парламентот

Александра М. Митевска



Претседателот Ѓорге Иванов создаде терен за различни и не многу издржани толкувања во јавноста околу тоа кој се' може да се обиде да формира влада, со тоа што пред да му го додели мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски не побара гаранција од него дека може да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот. Поради тоа, се зголеми и неизвесноста до кога ќе се одолжуваат процедурите за формирање на новата влада, додека државата функционира со кабинет во оставка и додека се чека да се собере потребното мнозинство за избор на претседател на парламентот.

Во оваа насока се толкувањата на експерти и на поранешни политичари, откако во јавноста почна да се вртат одредени сценарија според кои ако Груевски не успее да договори влада до 29 јануари, мандатот би можел да премине кај друг претставник на ВМРО-ДПМНЕ, а не кај втората партија по бројност во парламентот – СДСМ. За поткрепа на таквите тези се посочува на пример од почетоците на независноста и плурализмот во Македонија, кога тогашниот кандидат на СДСМ за премиер Петар Гошев се откажал од составување влада, по што мандатот премина кај Бранко Црвенковски. Станува збор за настани од пред речиси две и пол децении - две години по првите непосредни парламентарни избори во земјава, односно веднаш по паѓањето на првата (експертска) влада, кога во Македонија не беше воспоставена ниту практика за свикување вонредни избори, што, пак, ни стана „рутина“ во последната декада.

„Вакви толкувања на Уставот се нешто невидено и нечуено досега во светски рамки. Такви идеи може да им паднат на ум само на очајни домаќинки по уставно право. Ако е тоа изводливо, тогаш може сите 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ еден по друг во недоглед да пробуваат да состават влада“, оценува универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, еден од творците на македонскиот Устав и министер во првите влади во независна Македонија.

На прашање зошто во Уставот не е предвидено попрецизно дека, во случај на враќање на мандатот, следниот мандатар треба да биде од другата партија која би можела да собере мнозинство во Собранието, Фрчкоски вели дека „Уставот не е вреќа за да може да ги третира сите фикс-идеи што некому ќе му паднат на ум во одреден период“.

„Уставот е многу јасен и, во делот на формирање влада, е единствено заинтересиран за тоа кој има мнозинство, а не кој смета дека победил на избори. Затоа е даден тој период од десет дена пред доделување на мандатот за партиите да се обидат да соберат мнозинство. Тогаш, мандатот го добива партијата која има обезбедено најмалку 61 пратенички глас. Другите дваесет дена се за договарање на составот на кабинетот и за дефинирање на програмата на владата“, вели Фрчкоски.

Тој го посочува примерот по неодамнешните парламентарни избори во Хрватска. Претседателката на Хрватска не и' го даде мандатот на својата партија - ХДЗ се' додека партијата, која оствари водство со дури 15 мандати, не приложи пратенички потписи како доказ дека има мнозинство.

„Утрински весник“ контактираше и други актери на политичката сцена во првите години од независноста, кои посочуваат дека не може да се повлекуваат паралели меѓу случувањата околу составувањето влада во 1992 година и сега. Една од причините е и тоа што тогашната влада на СДСМ со ПДП не беше формирана непосредно по избори, туку по паѓањето на експертската влада на Никола Кљусев. Тогаш, првата шанса за формирање влада ја доби Љупчо Георгиевски, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој се откажа од коалицирање со најстарата партија на Албанците во Македонија – ПДП. Во едно интервју за нашиот весник Георгиевски зборува за тој чин, посочувајќи дека тој бил, како што вели, формално мандатар. Георгиевски спомнува период од 10 дена, така што нема прецизна информација дали тој се откажал од собирање на потребното мнозинство уште пред тогашниот претседател Киро Глигоров и официјално да го прогласи за мандатар.

„Ние го добивме мандатот и јас бев формално мандатар. Тоа траеше десет дена, правевме обиди, ама беше јасно дека ПДП има договор со СКМ-ПДП. Рокот од десет дена истече, не успеав да формирам влада, го вратив мандатот, па го доби Гошев и беше многу чудно што и тој се откажа“, вели Георгиевски.

Како што се потсетуваат нашите соговорници, Гошев, кој во тоа време не е веќе на чело на СДСМ, го враќа мандатот на 18. или 19. ден пред истекот на рокот од 20 дена за составување влада. Во едно интервју за нашиот весник, Гошев посочува дека отежнувачка околност му претставувало тоа што се обидел да состави влада иако веќе не бил претседател на партијата. Мандатот потоа преминува кај неговиот сопартиец Црвенковски затоа што, како што велат нашите соговорници, тогаш била извесна коалицијата меѓу СДСМ и ПДП и тие веќе имале парламентарно мнозинство, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер претходно потврдил дека не може да обезбеди 61 мандат во Собранието.

Како што оценуваат соговорниците на „Утрински весник“, ако Груевски евентуално го врати мандатот за составување на новата влада, тоа би било сигнал дека ВМРО-ДПМНЕ не може да обезбеди мнозинство во парламентот. Тогаш, Иванов ќе треба да го прогласи за втор мандатар лидерот на СДСМ, Зоран Заев, без да бара гаранција од него дека може да собере мнозинство, кога веќе тоа не го барал ниту од Груевски.

Статијата е прочитана 2495 пати.


Испрати коментар
Попоски до Бушати - Погледај го својот двор
Ахмети растргнат меѓу партиското членство и Груевски
За СДСМ - Груевски е минато, за ВМРО-ДПМНЕ - Заев е историја
(ФОТО) Протести за поддршка на Харадинај пред француската амбасада
Неделкова без право јавно да се пожали на вонредното бодување
Скопскиот кривичен суд се' уште без термин за судење за „Пуч“

Електронско издание

Денот низ фотографии

Најнови вести
23°СкопјеВреме
Делумно облачно
Чет26
Пет26
Саб22
Нед15
Пон20
Вто22
Сре22
Чет20
Пет20
Саб18
НајчитаниНајкоментирани

ДПА: Македонија е заложник на Груевски и неговата клика
Сирија: Експлозиите кај Дамаск предизвикани од израелски проектили
Даночната реформа на Трамп е осудена на неуспех
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ