www.utrinski.com.mk
23 јануари 2017 07:27
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
11.01.2017, 18:12

Дијабетичарите бараат редовно да има инсулин

Речиси нема месец во кој ги има сите видови инсулини, а и кога ќе дојдат месечни количини се случува да нема за сите

Јасмина Ј. Вељановска



Дијабетичарите бараат во аптеките да има редовно инсулин и кога ќе појдат да ја подигнат месечната терапија да не стравуваат дека ќе ги вратат зашто го нема лекот што им значи живот. До пред околу една недела овие болни се жалеа дека во аптеките немало неколку видови инсулин, и тоа најмалку десетина дена. Поради ова дел од нив останале без еден од двата инсулина кои ги комбинираат, па морале да позајмуваат од други пациенти. Според нив речиси нема месец во кој ги има сите видови инсулини, а и кога ќе дојдат месечните количини, се случува да нема за сите, па некои од нив се принудени по неколку пати да одат до аптеката за да се снабдат со неопходниот лек. Ваквата слика со снабдување во некои општини е поизразена, а во некои помалку, но, според кажувањата на здруженијата, најкритична, по се' изгледа е во Скопје, каде што има и најголем број пациенти. Поради проблемот со нередовното снабденост на аптеките, кој се провлекува повеќе од една година, Сојузот на здруженијата на дијабетичарите бара од државата да биде поодговорна во грижата за нив, со оглед дека ги има околу 46.000 во Македонија.

„Пред Нова година околу 18 дена не можев да ги најдам двата вида инсулин кои ги користам. Во аптеката во Ѓорче Петров не можев да ги подигнам, бидејќи пунктот не работеше неколку дена. Инсулините ги немаше ни во аптеката во ’Букурешт‘, каде што бев два пати, зашто не можам да излегувам од работа секој ден. Конечно, пред празниците го најдов едниот инсулин во мојата аптека, а другиот и натаму го немаше. Среќа што имав некоја резерва, па некако ’се покрив‘“, раскажува револтирано еден скопски дијабетичар на какви малтретирања бил изложен за да се обезбеди со лекот кој му значи живот. Тој вели дека се надевал дека овие ситуации ќе бидат надминати со новиот тендер и оти ќе има доволни количини, но проблемот во практиката продолжува, па прашува дали воопшто е почната испораката на инсулин од новата централна набавка.

Друг пациент, пак, вели дека во аптеката во поликлиниката „Јане Сандански“ деновиве недостига еден од инсулините.

Од локалните здруженија на дијабетичари велат дека и во другите градови во земјава се појавува недостиг од најмалку еден инсулин и оти речиси никогаш во аптека ги нема сите видови инсулин. Така, пред Нова година еден од пофреквентните инсулини бил дефицитарен во повеќето аптеки во државата и тоа од најмалку една недела до десетина дена. Но, пред божикните празници, овој инсулин заедно со другите бил испорачан.

„Среќа некои од нас има по некоја резерва, па успеваме да ’се покриеме‘. Јас го користев инсулинот што ми остана од мојата покојна мајка. Кога стасаа новите количини побаравме да ни се даде дозата и за минатиот месец, но ни рекоа дека не може“, објаснува претседателот на кумановското здружение на болни со дијабетес, Стефан Јовановски. Тој вели дека на овој начин им била скратена една месечна доза, што се случило и во 2015 година, а посочи и на проблемот со недостиг од игли, со што болните се принудени да се боцкаат повеќе пати со иста игла, иако тоа не е исправно здравствено.

Слична криза со инсулин пред Божик имало и во Демир Хисар, во Струга и во Штип. „Си играат топло-ладно со болните, има-нема инсулин. И никој не знае кога ќе дојде, само велат дојдете за некој ден, а не прашуваат дали може болниот кој живее 15 километри од аптеката да се шета по неколку пати за да се снабди со лекот кој мора да го има постојано“, вели Фаик Јанаковски, претседател на Здружението на штипските дијабетичари каде што има околу 1.300 пациенти.

Со слична реакција настапија и дијабетичарите од Струга, кои велат дека за да се изгасне „пожарот“ кога се појавува дефицит на одредени инсулини, позајмуваат од аптеката од Охрид или, пак, болните си помагаат меѓу себе со терапијата.

Дијабетичарите укажуваат дека Националната комисијата за дијабетес при Министерството за здравство навреме не реагира на нивните мејлови за недостиг на инсулин. Од Комисијата, пак, се категорични дека апелите за недостиг веднаш ги преупатуваат до Министерството, кое треба да го реши проблемот, но признаваат дека веднаш не пуштаат повратна информација до пациентите. Од Комисијата се оправдуваат дека и покрај тоа што има требувања од аптеките за точни количини инсулини и за точен број пациенти, не можат 100 отсто да се предвидат потребните количини, особено во периоди како овој сега кога поради инфекции и настинки се троши повеќе инсулин. Но, тврдат дека досега ниту еден болен не останал без инсулин. Од Министерството за здравство само кратко ни рекоа дека е почната испораката на количини од новиот тендер на инсулин.



Нема отстапки за лекот и на студот

Во овој период на поларни температури на дијабетичарите не им се продолжува терапијата доколку не ја поминат целата постапка за контрола, која е и услов за добивање на новите четири месечни дози. Иако е надвор и до минус 15 степени, тие мора лично да појдат на матичен лекар, па на специјалист, кој ќе им издаде извештај со кој треба да се вратат во аптека за да ја подигнат месечната доза.



Упатството на турски јазик

Болните со дијабетес реагираат и на тоа што упатството за употреба за инсулинот наместо на македонски, е на турски јазик. Велат дека иако ја користат терапијата со години и знаат какви проблеми може да имаат од лекот, сепак, бараат упатството задолжително да биде на македонски јазик, бидејќи не се сите запознати со последиците од инсулинот. Претходно велат дека добивале инсулин со упатство на бугарски јазик.

 

Статијата е прочитана 253 пати.


Испрати коментар
Прихрана на животните во Национален парк „Пелистер“
Замрзна браната на езерото „Младост“
Пунктот за бездомни лица во Момин Поток отворен 24 часа

Електронско издание

Денот низ фотографии
 
Најнови вести
-6°СкопјеВреме
Ведро
Пон-2
Вто0
Сре0
Чет-1
Пет-2
Саб0
Нед0
Пон-1
Вто-2
Сре0
НајчитаниНајкоментирани

Во долината на приврзениците на Трамп
„America first", што ли значи тоа?
Кога родителите мора да се плашат од своето дете
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ