www.utrinski.com.mk
23 март 2017 09:10
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
20.03.2017, 15:13

Последната епизода од сагата за Херцег-Босна во Хаг

Започна жалбената расправа на судењето на шестмина политички и воени лидери на воената творба Херцег-Босна, осудени на вкупно 111 години затвор. Се предвидува дека ќе трае осум дена. Конечната пресуда ќе биде изречена во ноември

Шест лица се во притвор на Хашкиот трибунал уште од 2004 година, а судењето започна во април 2006 година. Станува збор за поранешниот премиер на Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ, министерот за одбрана, Бруно Стојиќ, командантите на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Слободан Праљак и Миливој Петковиќ, командантот на воената полиција, Валентин Ќориќ и шефот на Канцеларијата за размена на заробеници, Берислав Пусиќ. Тие се обвинети за злосторства над нехрватското население во централна Босна и делови од Херцеговина во 1993 и 1994 година, како оние во Ступни До, логорите „Дретељ“ и „Хелиодром“ или во градот Мостар. Злосторствата се извршени со цел, како што се наведува во обвинението, „Бошњаците и другото нехрватско население политички и воено да се потчинат, да се спроведе етничко чистење и тие засекогаш да се отстранат“ од областите кои беа прогласени за Херцег-Босна. Тие злосторства, според обвинението, биле дел од „здружена злосторничка група“ на чие чело бил тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман.



Архитекти на проектот Херцег-Босна



Изведувањето на доказите во кои обвинителството сослуша 249, а одбраната 77 сведоци, траеше повеќе од четири години. Завршните зборови обвинителството и одбраната ги изложуваа три недели на почетокот на 2011 година. Потоа беа потребни речиси две години до првостепената пресуда која беше изречена на 29 мај 2013 година. Со едногласна одлука на судскиот Совет, Прлиќ беше осуден на 25 години затвор, Стојиќ, Праљак и Петковиќ на по 20, Ќориќ на 16 и Пусиќ на 10 години затвор.

Во пресудата е нагласено дека судирот меѓу ХВО и на Армијата на Босна и Херцеговина бил од меѓународен карактер, бидејќи во него учествувале силите на хрватската војска, а Хрватска имала контрола над сите воени команданти и цивилни власти на Херцег-Босна. Покрај тоа, се потврдува наводот од тужбата дека членови на здружената злосторничка група, со поранешните лидери на Херцег-Босна, биле и Фрањо Туѓман, Гојко Шушак и Јанко Бобетко. Нивната заедничка цел, според пресудата, било воспоставување на дел од хрватската држава на територијата на Босна и Херцеговина, во границите на некогашната хрватска Бановина од 1939 година. Шестемина обвинети биле меѓу „архитектите на тој проект“. Со првостепената пресуда е потврдено дека се извршени злосторства од обвинителниот акт, од формирањето на Хрватската заедница Херцег-Босна во ноември 1991 година до крајот на судирот меѓу ХВО и Армијата на БиХ во април 1994 година, во осум босанско-херцеговски општини - Мостар, Прозор, Горњи Вакуф, Јабланица, Чапљина, Љубушки, Вареш и Столац.



„Досега најлоша жалбена постапка“



По изрекувањето на пресудата, која е напишана на 2.629 страници, на службите од Хашкиот трибунал им беше потребно повеќе од една година да ја преведат на босанско-хрватско-српски (БХС) јазик, за да можат осудените да ја проучат и да ги поднесат најавените жалби. Се' во тој процес беше бавно и комплицирано. Претседателот на Жалбениот совет, судијата Кармел Аѓус во една пригода рече дека станува збор во огромен и исклучително комплексен случај и „досега најлоша жалбена постапка“. Жалбите беа поднесени кон крајот на 2014 година. Расправата, која започна вчера по жалбите на сите шестмина обвинети, но, и на обвинителството, е закажана повеќе од три години по изрекувањето на пресудата.

Обвинителите, незадоволни од пресудите, бараат значително потешки казни: 40 години за Прлиќ, Стојиќ, Праљак и Петковиќ, 35 за Ќориќ и 25 за Пусиќ. Со оглед дека на 28 март завршува жалбената постапка, судскиот Совет во следните осум месеци ќе ги разгледува наводите и аргументите на поднесувачите на жалбите и конечните пресуди ќе ги изречат, како што беше најавено, во ноември оваа година. Со тоа ќе се стави крај на најдолгото судење во историјата на Хашкиот трибунал.

Република Хрватска пред една година поднесе барање до Хашкиот трибунал да биде вклучена во жалбената постапка, пред се' во дискусијата на првостепената пресуда, според која за она што се случувало на просторите на парадржавната творба Херцег-Босна се прогласени за виновни и поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, министерот за одбрана Гојко Шушак и генерал Јанко Бобетко. Тоа барање беше отфрлено со образложение дека Трибуналот не ги обвинил тројцата хрватски официјални лица и дека дискусија за тоа би била беспредметна.

Слободан Праљак, кој првостепено беше осуден на 20 години затвор, а обвинителството во жалбената постапка бара два пати потешка казна, се товари и за материјални барања од административните служби на Трибуналот. Веќе неколку години Секретаријатот бара да го врати долгот од 2,8 милиони евра, колку што Трибуналот вложил во неговата одбрана пред да реши самиот да се застапува. Според тврдењата на Секретаријатот, тој немал право на тоа финансирање, бидејќи неговиот имот имал вредност од над 6,5 милиони евра, така што бил во состојба да ги намирува трошоците за неговата одбрана. Последното предупредување за враќање на долгот Праљак го доби во октомври минатата година.



Наследството на парадржавата



Додека во судницата во Хаг се водеа процеси „со најмоќните луѓе во проектот Херцег-Босна, чие остварување е преполно со злосторства, жртви и уништување“, и додека во затворот во Шевенинген шестемина осудени издржуваат високи затворски казни, во Босна и Херцеговина се одбележуваат годишнини од основањето на Херцег-Босна, без оглед што таа парадржавна творба исчезна со договорот од Вашингтон во 1994 година.

На тие свечености секој ноември поранешни функционери на Херцег-Босна зборуваат за творбата како за „трајна инспирација, залог и обврска“. Во судницата на Хашкиот трибунал во доказната постапка на тужбата е покажано каква била инспирацијата за таа творба и какво наследство може да има. „Исчезнаа цели заедници на муслиманите од тие области. Во јули, август и септември 1993 година владееше терор. ХВО дислоцираше илјадници луѓе, беше урнат Стариот мост во Мостар“, се заклучува во пресудата, во која е нагласено дека шестемина обвинети, иако „не ги извалкале со крв своите раце“, се виновни затоа што „направиле планови кои доведоа до пролевање на крв на многумина“.

Во жалбената расправа, почнувајќи од вчера, одбраната на шестемина обвинети ќе бара, според најавите, ослободителни пресуди. (Дојче веле)

Статијата е прочитана 302 пати.


Испрати коментар
Трезор
Пак протести против полициско насилство во Париз
Бившиот управник на затворот не е виновен за грабнувањето на Милошевиќ
Свет - Вести
Внуката на Мандела против партијата на дедото
Мартин Шулц ќе ја предизвика Ангела Меркел
Олдтајмерите на колекционерот од Алепо

Електронско издание

Денот низ фотографии
 
Најнови вести
7°СкопјеВреме
Претежно облачно
Чет22
Пет24
Саб24
Нед22
Пон17
Вто16
Сре20
Чет19
Пет18
Саб16
НајчитаниНајкоментирани

Напаѓачот од Лондон ѝ е познат на полицијата
Републиканците, интересите на Русија и нападите врз Сорос во Македонија
Скопје ќе „дишe“ на Еко-дрво
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ