www.utrinski.com.mk
29 април 2017 01:53
Актуелно
Архива
Контакт
Редакција
Маркетинг
Претплата
период од-до
-
11.01.2017, 18:22

НБМ ја намали каматата на благајничките записи на 3,5 отсто

Откако пред еден месец ја намали каматата од 4 на 3,75 отсто, сега каматната стапка пак се намалува на 3,5 отсто

Нина Нинеска-Фиданоска

Централната банка вчера извести дека повторно ја намалува каматата на благајничките записи, откако тоа го стори и претходно, пред нецел месец. НБМ сега ја намалува каматната стапка за 0,25 процентни поени, со што таа ќе биде на нивото од 3,5 отсто. На средината на декември, пак, минатата година, централната банка ја спушти каматата исто за 0,25 поени, односно од претходното ниво од 4 отсто, ја сведе на 3,75 проценти.

Треба да се наведе дека во мај годинава монетарната власт одлучи да ја зголеми каматата од 3,25 на 4 отсто, наведувајќи дека мора да ја стегне монетарната политика поради големото повлекување на депозити од банките, како и поради големата побарувачка за девизи на менувачкиот пазар.

НБМ на својата последна седница на Комитетот за оперативна политика, како што соопштува, одлучила да ја намали каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени и таа да изнесува 3,5 отсто, а понудата на благајнички записи да се зголеми од 23.000 милиони денари на 25.000 милиони денари.

„Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на натамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на растот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација и понатаму се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти - девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем. НБМ и во текот на декември интервенира со откуп на девизи, шести месец последователно, со релативно голем износ, со што и за целата година интервенциите се во насока на нето-откуп и имаат позитивен придонес кон промената на девизните резерви. Воедно, првичните декемвриски податоци упатуваат на натамошен засилен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем. Овие податоци покажуваат и изразени преференции на населението за располагање со домашна валута. Поволните остварувања се забележуваат во услови на натамошни позитивни оцени за стабилноста на економските фундаменти“, се вели во соопштението од НБМ.

Се додава и дека во однос на економската активност во македонската економија, бројот на показателите за четвртиот квартал од годината расположливи досега е ограничен, а нивното движење дава различни сигнали, поради што засега тешко можат да се дадат попрецизни оцени. Последните податоци за инфлацијата за 2016 покажуваат дека просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени останува во негативната зона (минус 0,2 отсто во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања во декември упатуваат на нешто пониска инфлација од проектираната, а очекувањата за увозните цени се ревидирани во различна насока, поради што и ризиците околу инфлацијата за следниот период се урамнотежени. Првичните податоци за фискалниот сектор за 2016 упатувале на помал буџетски дефицит.

„Во декември ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок месечен раст, главно поради интервенциите на НБМ за откуп на девизи од банките поддржувачи (во износ од 63,45 милиони евра). Имено, банките имаа вишок девизи генериран од поповолните движења во трансакциите со клиентите, пред се' со фирмите. Исто така, зголемена понуда имаше и од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници, додека со физичките лица беа регистрирани стабилни движења и нето-откуп на девизи. Со овие движења во декември, вкупните остварувања на девизниот пазар во последниот квартал од годината се исклучително поволни, при што банките во трансакциите со клиенти остваруваат нето-откуп на девизи втор последователен квартал“, велат од НБМ. Додаваат дека остварувањата на девизниот пазар, како и приспособувањето на високите девизни позиции на банките во услови на зголемено кредитирање со валутна компонента, овозможиле НБМ да откупи вкупно 182,75 милиони евра во втората половина од годината, што е повеќе од продажбите во период на нестабилност на девизниот пазар во вториот квартал. Со тоа, на збирна основа во 2016 година НБМ регистрира нето-откуп на девизи во износ од 16,65 милиони евра, со што ја зголеми ликвидноста во банкарскиот систем“, велат од НБМ.

Податоците за девизните резерви во декември покажуваат раст, пред се' како резултат на интервенциите на НБРМ со откуп на девизи.

Инаку, кога пред еден месец ја намали каматата НБМ, нашите банкари рекоа дека нема да се случи намалување на нивните каматни стапки на кредитите во наредниот период. Тие изјавија и дека по зголемувањето на основната камата, кое се случи во мај годинава поради кризата со повлекувањето на депозитите, не ги поскапеле своите кредити, па веројатно и сега нема да ги поевтинуваат. Она што е извесно, нагласија тогаш банкарите, е дека ќе се намалат максимизираните камати кои се утврдени со Законот за облигациски односи, каде што главно влегуваат каматите на лимитите на кредитните картички и на минусите на тековните сметки. Дел од банките тогаш изјавија дека е можно намалување на каматите кај депозитите.

Статијата е прочитана 223 пати.


Испрати коментар
Поради снегот, преполовена работата на транспортерите
Светска банка ги намали прогнозите за економски раст на земјава
Банките лани собрале повеќе заштеди, но помалку дале кредити
На аеродромите лани за 15 отсто повеќе патници
Грција го исклучи далноводот кон Македонија

Електронско издание

Денот низ фотографии
 
Најнови вести
16°СкопјеВреме
Облачно
Саб22
Нед16
Пон21
Вто23
Сре23
Чет24
Пет22
Саб23
Нед23
Пон20
НајчитаниНајкоментирани

Македонија: хроника на едно долго најавувано злосторство
Мост излегува од хрватската влада
Даночната реформа на Трамп е осудена на неуспех
     Site Meter   
период од-до
-
Редакција ул. "Васил Ѓоргов" бр.16, четврти кат Тел. 3236 900
Факс. 3236 901
E-mail: contact@utrinski.com.mk
МАРКЕТИНГ